re:volt #F

Ре:волт на Стефан Сидовски е двосмислен и прекрасен филм, чие дејство го носат пет млади момчиња во празно августовско Скопје, во 1977 година. Филмот ги проследува обидите на групата – некои бесмислени, некои срдечни, некои водени од страв и неспокојство – да направат простор за некаков ’револт’ кој можеби ќе разгори некоја политичка страст, некое егзистенцијалистичко страдање, некое летаргично чувство на незадоволство. По неколку ’спектакуларни’ потфати, петмината се обидуваат со авто-стоп да најдат излез од градот, но безуспешно. Разочарани, тие неволно продолжуваат да чекорат во далечината. Еден од интересните аспекти на овој филм е врската помеѓу ироничната нарација и визуелните пораки, и неговата природна, вродена машкост. Всушност, ’главниот материјал’ кој е основа на филмот, без разлика дали ќе биде иронично сфатен или не, е поврзан со мажественост: чинот на ’револтирање’ се однесува на гестикуларен / визуелен речник кој е типично машки, понатаму дополнет и проширен (и можеби намерно иронизиран од страна на Сидовски) со текот на околностите во кои се одвива филмот, во Југославија во тоа време. Размислувајќи за многуте необични и комплексни гледни точки кои филмот може да ни ги расветли денес, можеме да се запрашаме следното: што би се случило доколку ре:волт беше сценарио за пет млади девојки, наместо за пет млади момчиња? Како ќе се преведе гневот, здодевноста и чувствителноста? Кои би биле тие жени? Како ние би ги замислиле нивните политички убедувања преку нивното движење, нивното однесување, нивниот поглед? Оваа изведба е сценска варијанта на филмот Ре:волт, напишана за пет жени во Македонија во 2015 година, наместо пет мажи во Македонија во 1977 година. Како што филмот ја менува структурата, ја менува и положбата: од филм до перформанс, од мажи до жени, од некогаш до сега. Додека го менува медиумот и полот, Ре:волт ќе биде неизбежно трансформиран: некои аспекти од идеите на филмот ќе станат поприсутни и повидливи, додека пак, други, различни идеи, ќе се формираат и ќе се задржат во позадината. Овој ре:волт се занимава со тоа што ќе се случи кога состојбата, добата и формата на едно уметничко дело почнуваат да зборуваат за некоја друга состојба, друго доба, друго тело. И се запрашува што всушност претставува оваа друга состојба, доба, тело. Кому му/и’ припаѓа, што е тоа што го бара, каде оди?