Отворен повик за автор(к)и: Ретрадиционализација на општествата

Мрежата на културни родни пракси на Југоисточна Европа распишува конкурс за авторски дела кои јавно ќе бидат презентирани во рамки на изложбените и презентациски активности на мрежата во регионот.

Формирањето на Mрежата на културни родни пракси на Југоисточна Европа е резултат на желбата за вмрежување и здружување на организациите од регионот кои низ призмата на феминистичките и родни пракси, со употреба на различни културни и уметнички медиуми, активистички деjствуваат во јавната сфера. Мрежата ја сочинуваат организации кои се занимаваат со културно родни пракси низ реализација на медиумски, фестивалски и продукциски програми, а нејзина цел е зајакнување на регионалната родно освестена културна и граѓанска сцена.

Мрежата за прв пат распишува конкурс на темата Ретрадиционализација на општествата која како дискурс во регионот добива сè поголемо значење. Соочувајќи се со светскиот тренд на глобализација која поттикнува низа општествени и политички прашања – од постоењето на националните држави, преку суверенитетот, до создавањето нови транснационали државности и идентитети, ретрадиционализацијата на општествата се јавува како реакција која во себе носи делумно позитивни, но неретко и негативни модели.

Како процес на социјално, културно и политичко делување глобализацијата ги надминува границите на националните држави, па често се разбира како заговарање на денационализација. Истата претставува закана на која совремните општества ú се спротивставуваат со ретрадиционализација на општествените вредности, затоа што во време на несигурност и длабока општествена криза традицијата нуди прибежиште. Оживувањето на традиционалните елементи може да ја интригира општествената заедница, да зајакнува различни идентитети во неа, да ја развива и збогатува.
Меѓутоа, наспроти горенаведеното, во регионот се забележува сè поголема свртеност кон ретрадиционализацијата во негативна смисла, која во одделни земји на поранешна Југославија добива алармантни форми. Зацврстувањето на традиционалистичките ориентации се препознава меѓу другото и во доминацијата на традицијата и нејзиното сè поактивно и погласно учество во секојдневниот живот, проповедајќи морален конзервативизам.

Поделбата на традиционални машки и женски улоги, на приватно и јавно, сè повеќе влијае на зајакнување на патријархалните вредности и институционализација на мизогинијата. Сексистичките и нееманципаторски пракси, објективизацијата, насилството – видливо и притаено, маргинализацијата и родните стереотипи се само некои од манифестациите на ретрадиционализацијата на општеството. Традиционалното општество не остава простор за избор туку диригира формирање идентитети, притоа создавајќи една организирана и хомогена структура која своето упориште го наоѓа во хегемонијата на патријархатот.

Ретрадиционализацијата на општествата стана дел од современоста, а се препознава во сите нејзини сегменти – од фолклорот и религијата, преку културата и идентитетот, до територијата и изразениот национализам. Актуелноста и контекстуалноста на оваа тема се фактори кои ги сметаме важни за согледување и проблематизирање. Во врска со тоа нè интересира како одредени норми што традицијата ги содржи во себе може да се субвертираат? Земајќи предвид дека режимите на репресија ни се наметнуваат лингвистички и визуелно, се поставува прашањето како тие да се деконструираат низ јазикот и делата?

Авторките и авторите се охрабруваат да го истражуваат овој феномен низ различни медиуми и дисциплини: перформанс, инсталација, есеј, студии, збирки фотографии, видео, аудио и ликовни дела.
Избраните дела ќе бидат групирани во рамки на неколку под-тематски целини и така ќе бидат изложени во галериски простори или соодветно презентирани во земјите членки на мрежата во рамки на фестивалите во текот на 2016 година. Патните трошоци, сместувањето и хонорарот за уметниците ќе бидат надоместени.

Отворањето на конкурсот е резултат на желбата за зајакнување на трансдисциплинарното, креативно делување, мислење и изразување во полето на културните родни пракси во просторите на поранешна Југославија и отворен е за самостојни и за групи уметници.

Мрежата на културни родни пракси на Југоисточна Европа во моментов обединува тринаесет организации од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија и тоа: Prostor rodne i medijske kulture K-zona (портал voxfeminae.net и фестивал Vox Feminae festival), CESI (портал Libela.org), CROL (портал Crol.hr), Flamingo (фестивал DRAGram) и Udruga za promicanje nezavisne glazbene kulture ‘Živa muzika’ од Хрватска, Feministički kulturni centar BeFem (фестивал BeFem), Organizacija za promociju aktivizma OPA (портал Femix.info и проект Femix) и Centar za devojke Niš (фестивал Art Femine) од Србија; Fondacija CURE (фестивал Pitchwise) од БиХ; Mesto Žensk (фестивал City of Women), KUD Mreža (фестивал Rdeče Zore) и Zavod Radio Študent (емисија Sektor Ž) од Словенија и Tiiiiit! Inc. (фестивал Прво па Женско) од Македонија. Повеќе информации за Мрежата можете да најдете на www.gendernet.info

Вашата пријава треба да ги содржи следниве информации:
– Име и презиме на авторот/авторката или на групата автор(к)и, – Кратка биографија на авторот/авторката или на групата автор(к)и, – Година и држава во која е создадено делото, – Формат/техника на изработка,
како и задолжителна дополнителна документација за пријавеното дело:
1) Основни информации за делото/проектот – наслов, автор/ка или листа на автор(к)и, година на создавање, времетраење; 2) Краток опис на идејата на делото/проектот (максимум 300 зборови); 3) Детална техничка листа неопходна за претставување/реализација на делото, како и сите други просторни и технички потреби; 4) Доколку делото веќе било претставувано информација за претходните претставувања – датум, место, 2-3 фотографии со висока резолуција; 5) Доколку делото досега не било претставувано, приложете илустрација/скица/слика/visual; 6) Web link до online извор кој содржи кратка документација за делото може да се приложи, доколку истиот содржи информации релевантни за соодветно претставување на делото/проектот.
Доколку се работи за пишан труд, наместо горенаведената документација доставете: – Наслов и резиме на трудот (до 300 зборови); – Комплетниот текст на трудот; – Доколу трудот е веќе објавуван, наведете датум и место на објавата.

Конкурсот е отворен од 09.07. до 20.09.2015 на полноќ и во него можат да земат учество автор(к)и од земјите на поранешна Југославија. Секој/а автор/ка може да се претстави со најмногу 2 различни дела. Делата се пријавуваат со испраќање на потребната документација на gendernet.info@gmail.com. Тука можете и да ги поставувате вашите прашања поврзани со конкурсот најдоцна до 10.09.2015.

Информациите за резултатите од првиот круг, кои ќе се состојат од ранг листа на пријавените дела/проекти ќе бидат објавени најдоцна до 10.10.2015 на интернет страницата на мрежата www.gendernet.info. Конечните резултати на конкурсот, односно бројот на делата од ранг листата кои ќе бидат продуцирани ќе бидат објавени најдоцна до 31.12.2015, кога ќе бидат познати и средствата со кои Мрежата ќе располага во 2016 година.

PDF: POZIV-мк